„Секој петок по една“ – Шо рече чичо Мијале?

101 КОЧАНСКА (НЕ)ЗГОДА…+1 се интересни хумуристични случки од Кочанско, напишани во  делото „Погреб со смеење“ на м-р Доне Донев.  Сите ликови и настани во (не)згодите се вистинити и се имаат случено. Интернет порталот „Гласно“ ги објавува во серијалот „Секој петок по една“ со дозвола на авторот.

Шо рече чичо Мијале?

Меѓу татко ми Мијал Д. и комшивката Дица

Пишува: Доне Донев

Шеесеттите години на минатиот век живеевме во село Соколарци. Во нашето соседство живееше и некоја Дица. Така ја викаа, а како се викаше правилно и јас не знам. Можеби Драгица, Даница, не знам, и тоа не е толку важно. Беше многу позната во селото, слободно можам да кажам и во околината. Раскажуваше татко ми откако сме ја направиле новата куќа, во старата сме ја чувале стоката, пред сè говедата.

Еден ден нашата крава се отелила и татко ми бил среќен, како и моите сестри и брат ми. Селски деца се радуваат на тоа најмногу. Секоја вечер и рано утринум татко ми ја надгледувал новата рожба на кравата за нешто да не й се случи. Секој ден постилал нова слама за на телето да му е удобно и чисто. Едно утро отишол и само што влегол, слушнал нешто како стенкање и офкање. Ја зел газиената ламба и влегол во плевната. На самиот крај од плевната ја видел Дица со некој комшија и си правеле што си правеле тука нема што да се раскажува што се прави ноќе, односно утринум во три часот, летно време. Погледнал татко ми што погледнал, ја сменил сламата и се направил
божем ништо да не видел. Утредента, поточно истиот ден околу седум часот утрината татко ми ја однел стоката на блиското поило коешто се наоѓаше само педесетина метри оддалечено од нашата куќа. Чешмата со поилото ја викаа Градивец. Отишол татко ми и чекал да се напојат кравите, а Дица со неколку соселанки полнеле вода од чешмата. Татко ми кажал „добро утро“ и си се тргнал настрана. По некое време Дица, којашто чекала и таа да наполни, му рекла:

– Шо рече, чичо Мијале, шо рече?

– Ништо Дицо, ништо, рекол татко ми.

– Ја чинам да не рече нешто.

– Ништо не реков.

По кратко време Дица пак прашала и пак прашала, а татко ми и рекол:

– Случајно дали имаш газиена ламба? Оваа нашта ич не свете. Ништо не се гледа. Синоќа, односно сабајле ојдо да го обидам телето и ништо не видо. Не можех ни сламата да ја сменам. Само стенкање и офкање чу, па не знаех шо му е на телето, па затоа ќе ми треба ламба поубаво да гледам. Ако имаш да ми ја позајмеш додека да купам газје./крај

Сите заинтересирани читатели што сакаат да се снабдат со книгата „Погреб со смеење“, може да се пријават во коментар или во порака на фејсбук страницата на интернет порталот „Гласно“.

Адаптација: А. Арсов

Сподели: