Со платни налози со едукативна содржина полицијата превентивно опоменуваше за непрописно паркирање во Кочани

Со оставање платни налози со едукативна содржина полицијата превентивно опоменуваше за непрописно паркирање на возила на неколку улици во центарот на Кочани.

Под мотото „Паркирај совесно, паркирај одговорно“ , полициски службеници од ПС- Кочани ги поучуваа возачите на погрешно паркираните возила, се со цел подигање на  свеста за паркирање на дозволени паркинг места.

-Денеска, од страна на Отсекот за превенција при СВР – Штип во соработка со ОВР-Кочани и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, на подрачјето коешто го покрива Полицискиото одделние за безбедност на патниот сообраќај во Кочани спроведуваме претвентивна акција насловена како „Паркирај совесно, паркирај одговорно“. Целта е  да се разбуди свеста кај возачите за совесно паркирање на своите возила за да не се загорзуваат другите учесници во сообраќајот. Упатуваме апел кај возачите да обратат внимание на паркирање на своите возила на местата каде што е забрането паркирањето, на пешачки премини, на тротоарите и во крстосниците каде се загрозува пешачкиот сообраќај, меѓутоа да обратат внимание и  на други места каде  согласно Законот за безбедност во патниот сообраќај е забрането запирање и паркирање, истакна Горан Велковски, водич на увидна екипа за сообраќајни незгоди при ОВР- Кочани.

Велковски додаде дека акцијата има за цел да превенира, со цел во иднина да се подигне свеста кај возачите за прописно паркирање, но и да се подобри безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

Кампањата на полицијата продолжува и во текот на наредните денови, а доколку нема ефект, од полицијата најавија дека повторно ќе се премине на санкционирање на возачите. Само од почетокот на годината за погрешно паркирање во Кочани санкционирани се  132 возачи.

Кампањата ја реализираат Отсекот за превенција при СВР Штип, Одделението за внатрешни работи (ОВР -Кочани) и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

И. Матеничарски

Сподели: