Во рамки на проектот „Млади волонтери за сигурна средина на живеење“, Доброволното противпожарно друштво – Кочани денеска реализраше трибина на тема „Заштита и превенција од пожари и други елементарни непогоди“ со акцент на младите лица.


Трибината на која присуствуваа претставници од локалните институции задолжени за одговор во случај на елементарни непогоди како и претставници на средните училишта имаше за цел да се извлечат заклучоци за превенција од пожари, но и вклучување и едуцирање на младите од општините.

– На трибината извлековме заклучоци дека треба да се иницира формирање на доброволни противпожарни друштва во помалите општини од регионот, во руралните средини и да се настојува во основните и средни училишта од Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево, да се спроведуваат теоретски и практични обуки и со тоа и тие да се вклучат во заштитата и превенцијата од пожари. Исто така, има предлог за обуки и формирање на тимоови во компании при што ќе се назначат вработени кои ќе се задолжени за превенција и заштита од пожари во нивните средини. Поголемите компании ги имаат тие тимови, додека изостануваат помалите компании и фирми. Треба да допреме но нив и да им укажеме на потребата од вакви тимови, истакна Златко Илијев, претседател на ДПД – Кочани.

Кочанските доброволци информираа дека до крајот на проектот е планирано поставување на информативни табли на Пониква за заштита и одговорно однесување на посетителите во природа, организирање на средношколски натпревар за практични и теоретски знаења за заштита од пожари како и завршен настан за сумирање на постигнатите резултати.
Проектот „Млади волонтери за сигурна средина на живеење“ е финансиран од средства на Европската Унија, УНДП и кофнинасирање на Општина Кочани.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов




