Родителите на починатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ денеска излегоа на 21 протестен „Марш за ангелите“ низ кочанските улици.

Во 17:05 ч. време што ја симболизира задоцнетата институционална реакција, родителите ја поминаа предвидената маршута, од Паркот на револуцијата, Трговскиот центар и зградата на Општина Кочани, до Управата за јавни приходи, полициската станица и Основниот суд и обвинителство.
Пред кочанската правосудна институција тие јавно се обратија и поставија прашања до судиите и јавните обвинители.
-Почитувани судии, Во својство на оштетени во предметот кој се води по обвинителниот акт донесен на 13.06.2025 година, имаме информација дека се уште не е оценет обвинителниот акт. Како што сме упатени практично оваа фаза може да трае и повеќе месеци, но одолговлекување без оправдана причина е спротивно на законот и претставува основ за реакција од страна на нас оштетените или јавноста. Оценка на обвинителен акт нема строг рок, но должност е да одлучите во разумен рок. А поминаа скоро 3 месеци од како е донесен обвинителниот акт , приговорите од обвинетите се поднесени и единствено се чека од Вас – оценка на обвинителниот акт. Ве молиме да ни доставите информација:
1. До каде е постапката со оценка на обвинителниот акт?
2. Дали постои одреден рок во кој Советот е должен да донесе одлука?
3. Доколку не, ве молиме да укажете кога приближно може да се очекува завршување на оваа постапка, имајќи го предвид начелото за постапување во разумен рок (член 6 од ЗКП)?
Истовремено се обраќаме и до ОЈО ГОКК
Почитувани обвинители ,
Во својство на оштетени во предметот во кој постапувате, со обвинителен акт за осомничените вработени во МВР поднесен на 12.06.2025 година, Ве молиме да ни доставите информација:
1. До каде е постапката со овој обвинителен акт?
2. Дали постои законски временски рок за постапување по истиот (на пример 3 месеци, како што беше претходната постапка), и ако не, во кој рок е реално да се очекува завршување?
3. Зошто досега не е завршена постапката и кога се очекува понатамошно постапување?
БАРАМЕ ОДГОВОРИ, рече Розета Џамова, сестра на починатиот Јорданчо Џамов.
И.Матеничарски
Фото: Архива



