Ќе колабира ли водоводниот систем во Кочани летово?

Со порастот на дневните температури и зголемената потрошувачка на вода, во Кочани веќе се појавуваат првите проблеми со водоснабдувањето, а се актуелизираат и предупредувањата дека градот го очекува сушно лето проследено со можни рестрикции.


Општина Кочани вчера објави итно соопштение во кое информира дека е регистрирано енормно зголемување на потрошувачката на вода, особено во населените места Оризари, Грдовци, Горни Подлог, Долни Подлог, Тркање и Мојанци. Претходно, жители од населбите Калиманова Глава, Текишински Лозја и други делови од градот преку социјалните мрежи реагираа дека секојдневно, по 17 часот, остануваат без вода или имаат значително намален притисок.


Според општината, само на 28 јуни во селските населени места е измерена потрошувачка од 53 литри вода во секунда, што е повеќе од двојно над вообичаените 23 литри во секунда. Како главна причина се наведува масовното користење на вода за наводнување на тревници, бавчи и земјоделски површини, како и за миење дворови и други површини.

Од локалната самоуправа предупредуваат дека, доколку продолжи ваквиот тренд, ќе бидат воведени рестрикции, првенствено кон најголемите потрошувачи.

Проблемот со зголемената потрошувачка беше една од темите и на 14. седница на Советот на Општина Кочани, каде беа презентирани податоци што укажуваат на сериозен притисок врз водоснабдителниот систем.

Максималниот капацитет на бунарскиот систем на КЈП „Водовод“ изнесува 238 литри во секунда. Сепак, статистиката за првите три месеци од годинава покажува зголемување на потрошувачката за 17,72 проценти во однос на истиот период минатата година. Доколку овој тренд продолжи и во текот на летото, потрошувачката може да достигне и до 250 литри во секунда, односно да го надмине максималниот капацитет на системот.

Дополнителна загриженост предизвикуваат и загубите во водоводната мрежа. Во 2025 година КЈП „Водовод“ испорачало 5,9 милиони кубни метри вода, а фактурирало само 1,4 милиони кубни метри. Тоа значи дека дури 76,37 проценти од водата се губат поради дотраена инфраструктура, дефекти или комерцијални загуби.

Граѓаните предупредуваат дека и пред почетокот на летната сезона веќе се соочуваат со слаб притисок или целосни прекини во водоснабдувањето во одредени делови од денот. Дополнителен предизвик претставува и зголемениот број новоизградени станбени објекти кои се приклучуваат на постојната водоводна и канализациска мрежа, без соодветно зголемување на капацитетите.

Од Општина Кочани апелираат граѓаните рационално да ја користат водата, со цел во текот на летниот период да се обезбеди стабилно водоснабдување за сите населени места.

Сподели: