Родитeлите и блиски на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“, вчера во Кочани го одржаа 46. по ред марш кој почна во Паркот на револуцијата.


Носеа транспренти на кои пишуваше „Корумпираната држава ни ги украде децата“, како и „Ние родителите, скапо го плативме данокот на корупцијата“. Најавија дека маршевите ќе продолжат додека не ја дочекаат правдата.

Родителите укажуваат дека во судскиот процес се отргнува вниманието од суштината.
Тие го изразија револтот поради барањето на адвокати на обвинетите за иземање на обвинителката Наташа Сарамандова. Забележуваат и што судот им дал укор оти ја поддржуваат обвинтителката.

-Наместо правда пред законот дали е потребно да се вклучат странски организации и Стразбур. На последното рочиште не видовме борба за вистината, туку се уверивме колу лесно во судница центарот на вниманието може да биде дозволен бунт, реакција и заштита на обвинетите од вистината. Дали ова ќе се применува и откако обвинетите ќе ги изведуваат своите докази и на нас оштетените ќе ни дозволи судот да се отргнува вниманието од суштината и од нивната теза. Еве јавно прашуваме. Напуштањето на судницата од страна на оштетените е поддршка на обвинителката Наташа Сарамандова и на целото обвинителство што го води овој случај. Ние нема да се откажеме и натаму да го следиме секој момент и неправда и ќе се бориме до последен момент за вистината, рече Александар Наунов, татко на Надица Наунова, кој смета дека обвинението за случајот е цврсто.

Тања Коцева, мајка на починатата Ана од Виница рече дека на последното судско рочиште, родителите почуствувале длабоко разочарување и страв дека правдата нема да биде задоволена.

– На последното рочиште, ние родителите почувствувавме длабоко разочарување и страв дека правдата за нашите убиени деца можеби нема да биде задоволена. Му порачуваме на Судот да ја заврши својата работа чесно, законски и праведно, затоа што ние веќе немаме сила да поднесуваме нови неправди. Ние сме родители кои го изгубиле највредното што го имале и живееме како живи мртовци. Не дозволувајте да ја изгубиме и последната надеж дека правдата постои. Нашите деца заслужуваат вистина, одговорност и правда, а ние нема да престанеме да се бориме за тоа, рече Коцева.



