Да не е смешно, ќе беше трагично – ова е моменталната слика за Кочани која најдобро опишува што се случува во малото, напатено гратче од истокот на Македонија.


Проектите на локалната самоуправа за подобрување на животот на граѓаните или се реализираат со донации, или се сведуваат на оспособување фонтана, „над 70 метри бетон во Јастребник“, бетонирање и бекатонирање на пристапни улички и слични „капитални“ зафати.



Кочани и годинава ќе биде без Градски базент, без достоен Градски пазар, старечки дом, зелен парк, спортска сала и катна гаража, со започнати капитални проекти за пред објектив, со куп комунални проблеми, оштетени улици, НУЛА култура и хортикултура, без функционално јавно WC, со рестрикции на вода и фонтани без вода, со кучиња скитници, со живот и фалба од донации!!! Со градоначалник и соработници без јасна визија, советници за на фејсбук, хонорар и телевизија, со улизувачко нарачано „новинарство“, со сомнителни тендери, уште посомнителни огласи и фотоалбуми од протоколарни приеми на амбасадори.


Ако ова е виц, тогаш Кочани навистина заслужува гран-при во жанр комедија.


Нема потреба дополнително да се набројуваат проблемите. Доволно е човек да прошета низ градот, да ги слушне жителите и сам да види што недостига. Владее, апатија! Општото чувство е дека недостига визија, јасна цел и вистинска желба работите да се придвижат од мртва точка.


А додека се слават фонтани, неколку десетици метри бетон и протоколарни фотографии, времето минува, можностите се губат, а Кочани останува да чека развој што никако да пристигне. Граѓаните не бараат чуда – ги бараат ветените проекти и резултати.
И. Матеничарски






