Сѐ е подготвено за првиот „Freedom Run Trail“ во Кочани

Кочани в сабота, на 4 јули, ќе биде домаќин на првото издание на спортско-рекреативната трка „Freedom Run Trail“, настан наменет за сите љубители на природата, трчањето и здравиот начин на живот.


Според организаторите, за трката официјално се пријавени 250 учесници од цела Македонија. Натпреварувачите ќе трчаат по земјена патека долга 14 километри, која започнува кај Споменикот на слободата во Кочани и продолжува северно по течението на Кочанска Река до браната Гратче.


Покрај спортскиот натпреварувачки карактер, настанот има за цел да ги промовира природните убавини на Кочани и околината, како и да поттикне дружење, рекреација и позитивна атмосфера меѓу учесниците и посетителите.

Сите учесници што ќе ја завршат трката ќе добијат финишерски медал, а за најдобрите тројца натпреварувачи се обезбедени пехари и ваучери од спонзорите на настанот.

-Ги повикуваме сите кочанчани и сите што го сакаат нашиот град да бидат добри домаќини и со своето присуство и поддршка да ги охрабрат учесниците. Стартот на трката е во 17 часот кај Споменикот на слободата. Им благодариме на сите поединци и компании што помогнаа во реализацијата на овој настан, порачаа организаторите.

По завршувањето на трката ќе следува прогласување на победниците, а по 20 ч. програмата ќе продолжи со музичка забава и настапи на познати диџеи.

И. Матеничарски

Сподели: