Институтот за јавно здравје со препораки за заштита од топлотниот бран

Поради високите температури што ја зафатија земјата, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) апелира до граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од топлото време и да преземат мерки за намалување на ризикот од здравствени последици.


Од ИЈЗ препорачуваат да се избегнува директно изложување на сонце и активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Доколку престојот надвор е неопходен, граѓаните треба почесто да одмораат под сенка и да избегнуваат директно изложување на сончевите зраци.


Се советува носење светла и лесна облека, како и заштитни очила и светлобојна капа со широк обод. Во текот на денот најдобро е да се престојува во затворени и климатизирани простории, а прозорците и ролетните да останат затворени. Проветрувањето на просториите се препорачува во вечерните часови, кога температурите се пониски.

Институтот апелира и на правилна исхрана и доволен внес на течности. Се препорачува умерено консумирање храна, избегнување масни, висококалорични и премногу засладени оброци, како и редовно пиење вода без да се чека чувство на жед. Треба да се избегнуваат алкохолни пијалаци, пијалаци со кофеин и многу ладни напитоци.

Дополнително, граѓаните се предупредуваат никогаш да не оставаат лица во затворено возило, бидејќи температурата во автомобилите за кратко време може опасно да се зголеми. При престој во паркирано возило, потребно е да се обезбеди вентилација со отворање на прозорците.

За разладување, ИЈЗ препорачува туширање со млака вода, ставање ладни облоги или потопување на стапалата во ладна вода.

Посебен апел е упатен до лицата со хронични заболувања, особено со кардиоваскуларни, невролошки и белодробни болести. Тие треба строго да ги следат препораките, редовно да ја земаат пропишаната терапија и при каква било промена на здравствената состојба веднаш да се консултираат со својот матичен лекар.

Сподели: