Со получасовно задоцнување почна 18. „Марш за ангелите“ во Кочани откако поддржувачи на маршот од други градови биле запрени од полицијата на влезот на градот и притоа им била извршена контрола. Тоа го потврдија организаторите на настанот пред почетокот на маршот во Паркот на револуцијата во Кочани.


Граѓаните ја поминаа предвидената маршута од Паркот на револуцијата, преку Трговскиот центар и зградата на Општина Кочани. Застанаа и пред зградата на Управата за јавни приходи во Кочани откаде продолжија пред полициската станица каде дадоа изјава за медиумите.

-Денес, со длабока огорченост и сериозност, се обраќаме како семејства на загинатите млади животи. Со неверување и длабока огорченост го прочитавме повикот на Синдикатот на МВР, со кој се повикуваат полициските службеници – против кои се изречени мерки за претпазливост и решенија за мирување на работен однос – да бараат правна поддршка од Синдикатот, затоа што имале кредити, хипотеки и долгови. Ние, семејствата на загинатите млади животи во трагедијата во дискотеката „Пулс“, даваме апсолутна поддршка на правичната и непристрасна истрага, како и на судската постапка во која вината ќе биде утврдена. Но, должни сме јавно да прашаме, Дали токму тие службеници совесно ја извршуваа својата должност во кобната ноќ? Дали постапија согласно своите службени овластувања и одговорности? Дали нивната негрижа придонесе за трагедијата? И конечно, дали трагедијата можеше да се спречи доколку секој ја исполнел својата законска обврска?Ако одговорот е „да“ – тогаш зошто загинаа нашите деца?, рече Розета Џамова, сестра на починатиот Јорданчо Џамов.

Притоа истакнаа дека не смее да се дозволи прашањата за кредит и долгови да бидат ставени пред прашањето за човечките животи.

-Парите никогаш не можат да бидат мерило за живот. Кредитите се враќаат – ако си жив, здрав и работоспособен, можеш повторно да заработиш. Но нашите деца никој никогаш нема да ни ги врати. Сите имаме семејства. Имавме и ние целосни семејства, но денес тие се осакатени. Нам ни останаа само болката и кредитите, а најмилите ги загубивме засекогаш. Затоа уште еднаш порачуваме: правдата мора да биде еднаква за сите. Животите на нашите најмили се непроценливи, соопшти Џамова.

Поворката потоа продолжи кон кочанскиот основен суд и обвинителство каде беше упатена критика кон полицијата заради контролата што била извршена врз граѓаните од други градови кои сакале да дадат поддршка на маршот.

-Сакам да порачам на министерот Тошковски и на цела Влада дека тука помеѓу овие луѓе нема ниту еден терорист. Помеѓу овие луѓе нема ни еден нарко дилер, ниту пак криминалец. Тука има само луѓе со човечка душа и вие на овие луѓе правите притисок. На кого правите притисок и што пробувате да скриете. Истрагата нека се одвива како што треба. Многу работи јавноста не ги знае, многу работи треба да се дознаат. На новинарите ќе има кажам само еден збор, повеќе не смеам да зборам бидејки само чекаат да обвинат некој за попречување на истрага и оддавање на информации. Нека кажат што значи зборот полицијанид?, рече Благојчо Горгиев.

Притоа порача дека правда мора да има, а доколку нема, ќе нема мир ни за власта.


Денешниот протест освен поголемата масовност и присуство на поддржувачи од други градови беше одбележан и со зголемено присуство на униформирана и цивилна полиција.
И. Матеничарски




