Здружението на граѓани „16-ти Март 2025 Кочани“ основано од родителите на загинатите во трагедијата во „Пулс“ денеска поднесоа официјално барање до в.д градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски за одложување на забавните содржини од програмата по повод празникот на градот Петровден.

Родителите преку здружението во писмена форма побараа и поместување на времето на одржување на настанот „Во сеќавање“ посветен на жртвите во трагедијата во дискотеката што ќе се одржи в сабота во НУЦК „Бели мугри“ од 13:30 ч. во 16:30 ч. што им било одобрено. Додадоа дека имале и иницијатива за прикажување на видео посветено на нивните деца на видео бимот во Трговскиот центар, но не добиле никаков одговор од општината. Поради тоа, биле приморани сами да го контактираат сопственикот кој им одобрил видеата во спомен на нивните деца да бидат пуштени на видео бимот на Шопинг центарот во Кочани.

-В сабота, според агендата, ќе сведочиме на болен апсурд – од протестниот „Марш за ангелите”- директно на концерт. И тоа со нас, родителите и блиските, во прв ред. Ве повикуваме покажете почит! Кон нашите деца, кон нашата болка, кон нашата тишина. Тринаесет саботи по ред во пеколни температури, стоиме со срушени срца и молиме за правда – не само за нашите деца, туку и за вашите, за никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија, стои во писменото барање.



