Нема мир за жителите на Трајаново Трло, крадци украле вреден алат од куќа во населбата

Продолжуваат кражбите во населбата Трајаново Трло во Кочани.

Во текот на вечерта, за време на полицискиот час, крадци ја разбиле влезната врата на куќа на улицата „Наум Наумовски Борче“ во Трајаново Трло, влегле во неа и украле вреден рачен и електричен алат.

Куќата во која е извршена кражбата е ненаселена, а сопстевничката која живее во друг дел на градот, за кражбата разбрала од соседите и повикала полиција.

-Крадците влегле преку вратата, претпоставувам дека со хебла ја имаат отворено, а потоа некое мало дете има влезено и од внатре го отворило прозорецот за да помогне при влегување на другите. Моментално можеме да приметиме само дека недостига дел од рачниот и електричен алат на мојот татко, за останатото ќе провериме подоцна по завршувањето на увидот од полицијата. И покарај тоа што има поставено полициски пункт кај Вила Вонград, кражбите продолжуваат. Ние како граѓани сме исплашени, бидејќи се повеќе и почесто влегуваат во нашите домови и не знаеме веќе што да преземеме. Бараме од надлежните да ги откријат сторителите и да се врати мирот во нашата населба, изјави за интернет-порталот „Гласно“, сопственичката на куќата, која поради страв за својата безбедност по немилите настани во Трајаново Трло, сакаше да остане анонимна.

Во моментот кога ја снимавме изјавата, полицијата завршуваше со увидот на местото на настанот, по што се очекува и официјално соопштение од Секторот за внатрешни работи Штип (СВР Штип).

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: