ООМУ „Ристо Јуруков“ ги започна низата концерти  „Музичка  среда“

Во малата сала на Мултикултурниот центар во Кочани вечерва се реализираше првиот од низата музички концерт во рамки на манифестацијата „Музичка среда“, што во организација на ООМУ „Ристо Јуруков“ ќе се реализира во месеците април и мај.

Првиот од низата концерти под наслов „Низ традицијата“ вечерва беше посветен на традиционалната музика, каде се претстави оркестарот на народни инструменти, на тамбура, тапан, хармоника, дајре како и оркестарот на гитара, и малиот хор.

– ООМУ „Ристо Јуруков“ во текот на месец април и мај ќе реализира вкупно 6 концерти, односно секоја среда по еден, на кои ќе се претстават учениците во класите на сите професори на инструментите кои ги изучуваат во музичкото училиште. Целта е да се популаризира музиката како единствен светски јазик кој сите го разбираат и да им дадеме можност на нашите ученици за промоција на сработеното пред публиката, истакна Виктор Постолов, професор по традициски инструменти.

На првиот од низата концерти настапија триесетина ученици од кочанското музичко училиште под менторство на своите наставници.

Од музичкото училиште ја искористија приликата да ги поканат граѓаните секоја среда во мај со почеток од 18 ч. во Мултикултурниот центар да присуствуваат на концертите во рамки на програмата на манифестацијата „Музичка среда“.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: