ООУ „Никола Карев“ – Кочани вечерва на свечена академија го започна одбележувањето на патрониот празник по повод 118-годишнината од смртта на големиот македонски револуционер и претседател на Крушевската Република, Никола Карев, чие име го носи кочанското основно училиште.


На свечената академија во Спортската сала, учениците и наставниците од училиштето приготвија пригодна програма и се претставија пред публиката со музички точки на училишниот хор и оркестар, ритмички точки и драматизација.
По тој повод в.д директорот на ООУ „Никола Карев“, Александар Андов направи краток осврт на сработените проекти од почетокот на новата учебна година.

– Од почетокот на учебната година до сега се реализирани низа проекти меѓу кои, завршување на Еразмус + проектот за опремување на училишната библиотека, проширување со медиатека, реновирање на продолжениот престој и наставничката канцеларија, опремување на простории на дефектологот и социјологот, просторија за родители. Исто така поставена е аудио опрема и мрежа за функционален разглас. Училишниот двор беше уреден со поставување на клупи, дрвена ограда, нов детски парк, изградена е нова патека која го поврзува училиштето со новиот влез покрај спортската сала, истакна Александар Андов, в.д директор на ООУ „Никола Карев“ – Кочани.


Во рамки на свечената програма беа доделени благодарници на помагатели и поддржувачи на кочанското основно училиште кои ги врачи директорот Андов.
Во рамки на одбележувањето на патрониот празник на училиштето, за утре, 27 април, општински и училишни делегации ќе положат цвеќе на спомениците на Карев во Паркот на Револуцијата во Кочани, кај селото Тркање и во Спомен-паркот во Свиланово кај Рајчани.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов









