Високите температури опасност за шумски пожари – ТППЕ Кочани апелира на внимателно однесување

Високите температури што од денеска до средината на следната недела ја зафатија Македонија активираа портокалово ниво за опасност од топлотен бран.


Поради високите температури постои голема опасност од појава на шумски пожари поради што Територијалната противпожарна единица – Кочани и ДПД – Кочани ја подигнаа приправноста на повисоко ниво од вообичаеното.


– Високите температури се закана за појава на пожари, особено на шумски и полски пожари. Засега немаме регистрирано пожар во шума, нашата единица е подготвена и приправноста е на повисоко ниво.  Бележиме пожари на стрништа на отворен простор и од почетокот на месецот заклучно со денес имаме вкупно 17 најразлични интервенции. Во споредба во месец јуни имавме само 16 во текот на целиот месец. Апелираме до граѓаните да се однесуваат одговорно, да не се движат во шума, да не се пали оган на отворено и да се избегнува лесно запаливи материи да бидат изложени на висока температура од сончевата светлина, истакна Драган Апостолов, командир на кочанските пожарникари.

Вчера, во текот на вечерните часови е интервенирано на гаснење на запалена плевна во село Лепопелци како и полски пожар на подрачјето на Општина Чешиново-Облешево.

Викендов Територијалната противпожарна единица – Кочани, Доброволното противпожарно друштво – Кочани, Дирекцијата за заштита и спасување и Одделението за внатрешни работи – Кочани спроведоа заедничка акција за превенција и заштита од шумски пожари. На граѓаните што патуваа кон Пониква и кон браната Гратче им делеа информативно-едукативен материјал – Прирачник за заштита и превенција од пожари и друг вид елементарни непогоди.

Поради опасноста од пожари, посебно се предупредува да не се палат стрништа или оган на отворен простор на необезбедени места, меѓи и други површини, да не се фрлаат шишиња и друга стаклена амбалажа и отпад, да не се врши палење отпад и друг запалив материјал и да не се фрлаат остатоци од цигари на отворен простор.

Истовремено, додадоа од ТППЕ-Кочани, ги потсетуваме граѓаните, доколку забележат одредени сомнителни места во кои е присутен оган или дим, веднаш да ги известат надлежните служби во најблиските институции и установи или да се јават на  бесплатните телефонски броеви 112 – Центар за управување со кризи, 193 – Територијална против пожарна единица.

Заклучно со месец јули, кочанските пожарникари бележат вкупно 190 интервенции од кои најголем дел се на отворен простор и на територијата на соседната општина Чешиново-Облешево.

И. Матеничарски

Сподели: