На јавна трибина, граѓани, претставници на локалната самоуправа и Државниот инспекторат за животна средина синоќа во Кочани расправаа за загадувањето на воздухот, водата и почвата како последица од работењето на фабриката за рециклирање хартија „Пејпар Мил“.

На тричасовната расправа која на моменти се водеше во тензична атмосфера, граѓаните упатија критики до надлежните институции во делот на спроведувањето на А – интегрираната дозвола за работа на фабриката, но упатија и низа забелешки во однос на постапувањето на надлежните институции во случајот со „Пејпар Мил“.

Најголем дел од забелешките се однесуваа на испуштањето на отападни води во каналскиот систем на АД Водостопанство „Брегалница“ преку кој се наводнува Кочанско Поле и непоседувањето на пречистителна станица за отпадни води според стандарди пропишани во дозволата. Меѓудругото, граѓанската дискусија беше насочена и кон неконтролираното чадење на фабричкииот оџак што предизвикува дополнително загадување на амбиенталниот воздух.

– На јавната трибина се дадоа собирни поенти во однос на борбата за решавање на загадувањето и солидни иницијативи и перспективи за решавање на проблемот. Трибината на моменти течеше во бурна атмосфера што е и за очекување, со оглед на нерешавањето на прашањето и на сериозниот тригодишен револт создаден кај граѓаните поради несоодветно постапување на надлежните. Имам впечаток дека во однос на правната регулатива и одредена опременост на институциите тие се со врзани раци и во добар дел не можат да ни помогнат, меѓутоа ние не застануваме и ќе се обидеме, институционално да дојдеме до решение на проблемот – истакна Александар Симеонов, граѓански еко-активист и модератор на расправата.

Инспекторите од надлежниот инспекторат не дадоа конкретен одговор дали во моментот „Пејпар Мил“ работи согласно пропишаната А-интегрирана дозвола, но беа согласни дека во истата има направено одредени пропусти кои не се совпаѓаат со правилникот за издавање на истата. Интегрираната дозвола ја издава Министерството за животна средина при што ги упатија граѓаните да побараат нејзина ревизија од ресорното министерство . Државниот инспекторат за животна средина како што нагласија, е орган кој работи исклучиво на контрола на издадената дозвола од страна на министерството. Од Инспекторатот додадоа дека во повеќе наврати во „Пејпар Мил“ е вршен инспекциски надзор, при што во еден случај е констатирано прекршување на прописите во дозволата и изречена санкција. По жалба од фабриката до второстепената комисија на инспекторатот, изречената мерка била поништена.

На крајот на дискусијата, граѓаните искажаа подготвеност и намера проблемот да се решава во рамки на институциите, но ја нагласија потребата од поддршка од страна на надлежните во решавање на проблемот со „Пејпар Мил“. Тука пред се беше споменато ресорното министерство, инспекторатот за животна средина, но и локалната самоуправа и Советот на општината како орган кој може да поднесе барања и иницијативи за ревизија на дозволата.
Меѓудругото, поддршка за решавање на проблемот ќе се бара и од странски амбасади. За таа цел веќе се собираат граѓански потписи кои ќе бидат доставени во прилог на барањата на иницијативната група.
И. Матеничарски
Фото: А. Арсов




