Граѓанска реакција – Три седмици не е исфрлен комуналниот отпад од Грдовци, во селото се создава депонија

До интернет-порталот „Гласно“ пристигна реакција во која жители на селото Грдовци се жалат дека три седмици КЈП „Водовод“ го нема исфрлено комуналниот отпад од селото.


Во писмената реакција стои:


се одлучивме да ви се обратиме на вас заради негрижата на одговорните во Водовод Кочани за изнесувањето на ѓубрето од село Грдовци и се надеваме дека нашата реакција преку вашиот портал ќе ги натера да почнат да си ја вршат работата за која се платени.

Веќе 3 седмици не е соберено ѓубрето на жителите на село Грдовци. Ѓубрето стои пред домовите на луѓето, кантите се преполни а ѓубрето од контењерите бидејќи се преполни се разнесува по улиците кои не се изметени кој знае од кога. Поради тоа жителите своето ѓубре го фрлат на крајот од селото. Овде веќе е натрупано многу ѓубре кое го фрлиле луѓето бидејќи не им се изнесува од домовите за која услуга тие плаќат а не ја добиват. На крајот на селото кон игралиштето е направена вистинска депонија. Уште пострашно е што тука понекогаш се фрлат угинати животни и секаков друг отпад кој не е испитан од каде доаѓа и кој се фрла тука. Од надлежните инспектори во општината нема ни трага ни глас, а од Водовод не одговараат на нашите повици ниту на нашите реакции до Директорот. 

Куќите кои се блиску до оваа дива депонија секојдневно живеат во неподнослива смрдеа, а сега со зголемувањето на температурите може да се прошират и зарази од угинатите животни. Затоа бараме надлежните веднаш да излезат на терен и да почнат со решавање на овој проблем бидејки и ние сме дел од Кочани и заслужуваме да ги добиваме услугите за кои дебело плаќаме, стои во реакцијата.

Сподели: