ДИЖС: Две лаборатории мереа загадување на оџакот во Пејпер Мил во присуство на инспектор

Инспектори на Државниот инспекторат за животна средина, на ден 30.12.2020 година, извршија надзор во кочански Пејпер Мил и при мерењето на емисии од оџакот, како што се очекуваше, чадот што се испушташе беше прозирен и со помал интензитет. Тоа се должеше на специјален режим на комбинирано согорување на метан и пелети во однос 60% метан и 40% пелети при производството на хартија. Две лаборатории, од 09:30 до 16:00 часот вршеа мерење на прашина и отпадни гасови, во присуство на инспектор.

Откако заврши мерењето, во вечерните часови, инспектор се врати повторно на локацијата.
Чадот беше со истиот слаб интензитет, проѕирен, односно непроменет во однос на периодот кога се вршеа мерењата.

Од резултатите на мерењата кои се очекуваат во текот на наредната недела ќе зависи дали ќе се нареди горење исклучиво на метан или ќе се применат други мерки. Доколку со овој режим на работа не се надминат граничните вредности за емисии, истиот ќе мора да се одржува до вградување на филтерот.

Мерењата ќе продолжат и во наредниот период за да се обезбеди почитување на законските одредби и наредбите на Инспекторатот.

Државен инспекторат за животна средина

Сподели: