Локалниот младински Совет на Општина Зрновци (ЛМС) ја одржа првата редовна седница отворена за јавноста на која беа промовирани членовите на младинскиот Совет и Собранието и програмата за работа за тековната година.


Младинскиот Совет на Општина Зрновци се формира за прв пат и во него членуваат пет членови од младински организации од општината. Најголем фокус на Советот ќе биде подигање на нивото на младински активизам во општината, преку вклучување и анимирање на младите во давање на предлози, активности и носење на одлуки кои ги засегаат младите лица во општината.

– Младинскиот Совет ќе овозможи поголемо учество на младите во креирањето и донесување на одлуки во средината во живеење. Нашата програма се состои од активности кои ќе ги реализираме во нашиот мандат, еколошки и хуманитарни акции, едукации и обуки на младите како и спортски активности. Со вклучување на сите засегнати во општината и поддршка од Локалната самоуправа ќе работиме во интерес за младите во нашата општина, рече Јасмина Ристова, претседателка на ЛМС – Зрновци
Општина Зрновци во рамки на поддршката на Локалниот младински Совет од сопствениот Буџет обезбеди 50 илјади денари за реализирање на активности на младите и отстапи простор за млладинска канцеларија на локалниот Совет.

– Денес имавме промоција на програмата на Локалниот младински Совет на Општина Зрновци. Младинскиот Совет претставува нераскинлива алка во идните активности на реализација на политики за доброто на младите во Зрновц. Советот опфаќа пренесување на идеи, предлози од сите генерации, согласно Законот за млади. Советот брои пет членови коишто секојдневно ќе бидат во комуникација со органите на Локалната самоуправа на Зрновци и младите во општината, а ние како Општина стоиме на располагање како поддршка на младинското тело, рече Борчо Коцев, градоначалник на Општина Зрновци.

Локалниот младински Совет е младинско тело кои има советодавна и застапувачка улога за прашања од младински интерес кон локалната самоуправа. Неговата задача ќе биде да обезбеди зајакнување на младинскиот активизам во локалната средина, можност за развој на личниот и професионалниот живот на младите и реализација на идеи кои се од важен интерес за младите во општината.
Локалниот младински Совет е замислено да биде партнер со локалната самоуправа во решавањето и реализацијата на идеи и проекти кои се од интерес на младите луѓе во општината.
И. Матеничарски
Фото: A. Арсов






