Музичката младина на Македонија спроведе работилница за популаризација на класичната музика и пијаното како музички инструмент

Здружението Музичка младина на Македонија денеска во ООУ „Никола Карев“ – Кочани спроведе едукативна музичка работилница, со цел популаризација на класичната музика и поттикнување на најмладите за изучување на пијаното како музички инструмент.

Предавањето го спроведе професорот по пијано, Иван Трајковски, при што ги запозна учениците со инструментот клавир, пијано, историја на пијанизмот, познати композиции за клавир и познати композитори.

-Денешната едукативна работилница има за цел да ја доближи класичната музика до учениците, да имаат прилика да слушнат и да видат нешто што не им е во секојдневното музичко образование.  Програмата е адаптирана за ученици од седмо одделение. На предавањето настапи професорот по пијано Иван Трајковски, при што на учениците им објасни за инструментот клавир, пијано, историја на пијанизмот, познати композиции за клавир и познати композитори. Музичката младина на Македонија континуирано работи ваков вид на проекти, со цел доближување на класичната музика до учениците, истакна Марија Јакимовска, од Музичката младина на Македонија.

Јакимовска се заблагодари на наставничката по музичко образование, Ангелина Катмерова Алексов и директорката на ООУ „Никола Карев“, Билјана Петрова, за можноста ваков вид на предавање да биде презентирано пред учениците во кочанското основно училиште.

-Секоја активност што ни го збогатува образовниот процес кај нас е добредојдена. Основните училишта за разлика од музичките училишта имаат поретка можност да слушнат вакви презентации. Се надеваме дека Музичка младина ќе продолжи  со ваков вид на образовни презентации кои се од голема важност за учениците, со презентација и на други инструменти, истакна Ангелина Катмерова Алексов, наставник по музичко образование во ООУ „Никола Карев“ Кочани

Од Музичката  младина на Македонија истакнаа дека вакви едукативни предавања се спроведуваат и во други училишта низ државата, се со цел доближување на класичната музика до најмладите и поттикнување на изучување на музиката и пијаното како музички инструмент.

Сподели: