Општината Кочани наградена од Европскиот зелен појас

Денеска во Инфо центарот на Пониква се одржа настан на кој иницијативата Европски зелен појас (European green belt) и додели награда на Општина Кочани.


Европскиот зелен појас ги симболизира глобалните напори за заеднички прекугранични активности за зачувување на природата и одржлив развој. Иницијативата има за цел подобро усогласување на човековите активности со природната средина и зголемување на можностите за социо-економски развој на локалните заедници. Во сите 24 земји, опфатени со иницијативата, а поделени во 4 региони, се номинира по една општина која најмногу допринела за зачувување на природата. Овој пат, меѓу сите земји кои го сочинуваат Балканскиот зелен појас одбрана е Општината Кочани за извонредна посветеност во зачувувањето на природата и биолошката разновидност. Изборот го прави одборот на Европскиот зелен појас, на основа на апликации од повеќе општини.



Претседателот на Европскиот зелен појас, Габриел Швадерер го објасни значењето на општината Кочани „Која е многу богата како со природа така и со добри луѓе, а е пример за општина која се грижи за зачувување на природата, одржлив развој и прекугранична соработка. Осогово пак, како планина која е дел од Европскиот зелен појас, може да се пофали со извонредни пејзажи и хармонија меѓу природата и луѓето.“ Швадерер посочи дека иницијативата има улога и во европските интеграции.

Наградата на градоначалникот Николчо Илијев му ја врачи германската амбасадорка Анке Холстеин. Градоначалникот Илијев се осврнува на активностите спроведени од општината, меѓу другото поврзани и со прогласувањето за заштитено подрачје.

„Процесот за прогласување на дел од Осогово за заштитено подрачје ни помогна со научни истражувања да дознаеме и да се увериме колку многу природни вредности и реткости, колку многу убавини има во себе.“ Тој ги наброи и следните чекори кои општината планира да ги спроведе како развојот на руралниот и на велосипедскиот туризам, изградба на планинарски дом и едукативен центар и уште многу други. Илијев потенцира дека „натамошното управување и развојот на заштитеното поздрачје зависи од сите нас и од јавната свест за одржливо користење на ресурсите.“


Настанот е дел од Програмата за зачувување на природата во С. Македонија, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање. Имплементиран е од Фармахем и Македонското еколошко друштво.

Сподели: