Полициска станица Кочани: Соопштение до јавноста

Секторот за внатрешни работи Штип, Полициска станица од општа надлежност Кочани, во пресрет на Новогодишните и Божиќните празници, а имајки во предвид дека пред и за време на празниците од страна на граѓани и малолетници – деца, неовластено се употребуваат пиротехнички средства(петарди) со што се нарушува Јавниот ред и мир и безбедноста, ги информира граѓаните дека неовластена употреба на пиротехнички средства е казнива согласно Законот за прекршоци против Јавниот ред и мир, Законот за заштита од експлозивни материи и Кривичниот законик на Република Северна Македонија.

Полициската станица Кочани во текот на месец декември преку Помошник Командирот за ЈРМ и превенција, во сите основни училишта на подрачјето ќе одржи едукативни предавања со презентации на учениците од 6-то до 9-то одделение, со цел давање совети дека неовластена продажба и употреба на пиротехнички средства (особено петарди, факели, светлечки и звучни ракети и други средства за приредување на огномети) се небезбедни бидејќи содржат експлозив, а со нивната употреба може да дојде до несакани последици по здравјето и да бидат нанесени повреди на рацете, лицето очите и другите делови од телото.

Како минатите години, во овој период од годината, ПС Кочани во наредните денови значително ќе  ги интензивира континуираните контроли и останатите мерки и активности за навремено откривање и спречување на продажба, односно употреба на петарди и други пиротехнички средства.

Во функција на планираното превенирање на ваквите незаконски активности, на трговците, родителите и посебно на учениците-основци повторно им се укажува дека продавањето, односно купувањето и актвирањето на петарди на јавни места, на улица во дворови, во влезови на станбени згради, училишта и слично, претставува законски прекршок за кој е предвидена глоба од 200 до 500 евра во денарска противвредност. Децата да не употребуваат вакви опасни играчки, зошто тие можат брзо и лесно да предизвикаат сериозни последици. Во врска со последиците, а во зависност од другите околности и фактори, активирањето на пиротехника може да биде и кривично санкционирано доколку непосредно ја доведе во прашање безбедноста на други граѓани.

Поради тоа, се апелира до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата, односно кока ќе забележат лица кои на улица, на тезги, во продавници или на други места продаваат пиротехнички средства или пак употребуваат такви средства, истите да ги пријават на полициските службеници на терен или да се јават на бесплатниот телефонски број 192.

Командир на ПС Кочани

Горанчо Јакимовски

Сподели: