Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ денеска излезе на протест пред зградата на локалната самоуправа на Кочани, поради најавата за дигитализација во образованието и укинување на печатените учебници.

„Учебници и настава мора да има”, „Законот не е во интерес на иднината на нашите деца и нашата држава” се дел од пораките кои родителите и учениците ги испратија на денешниот организиран протест во Кочани.
-Ценам дека законот што се донесува воопшто нема намера да ја дигитализира наставата, бидејки ниту досега не постоеле законски пречки за да се внесуваат дигитални содржини кои секако ги немаме. Мотивот е во суштина укинување на печатените учебници, нешто што во никој случај не треба да се случи. Недозволиво е учениците да учат само од ПДФ формат. Дигиталните учебници ќе бидат достапни само за еден дел од учениците кои можат да обезбедат соодветен уред, а за останатите ќе останат недостапни што значи целосна дискриминација на учениците, истакна Жаклина Филипова Свеќаровска, учесник на протестот.
Од Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ најавија дека планот е да се оди на референдум против најавените образовни реформи доколку надлежното министерство нема слух за нивните барања.
Реформите во образованието предизвикаа големи реакции во јавноста. Иницијативата, освен барањето за повлекување на предлог-Законот за учебници бара и ревидирање на останатите најавени реформи, како што е интегрирањето на повеќе предмети во еден.
И. Матеничарски









