Трагедијата во Кочани не е последица на една искра или невнимание – таа е последица на системска слабост и неодговорност, порачаа родителите на „Маршот за ангелите“ во Кочани

На половина година од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, родителите на починатите денес, во 15:35 ч., време кое симболично ја симболизира задоцнетата институционална реакција излегоа на мирен протестен „Марш за ангелите“  низ кочанските улици.


Родителите, нивните блиски и поддржувачи од Паркот на револуцијата се упатија кон зградата на Основниот суд и обвинителство, потоа кон полициската станица и Управата за јавни приходи. Пред основниот суд и полицијата тие испратија пораки до институциите.


-Оваа трагедија во Кочани не е само последица на една искра или на едно невнимание. Таа е последица на системска слабост и неодговорност. Прво и основно, директната вина е кај сопствениците и организаторите кои отворија врати без дозволи, без безбедносни системи, со еден единствен излез и со двојно повеќе луѓе од дозволеното. Знаеме кој ги отвори вратите на клубот. Знаеме кој земал пари и пуштил внатре двапати повеќе луѓе од дозволеното. Знаеме кој ставил пиротехника во затворен простор. Тие се директните виновници. Тоа е криминал со човечки животи. Но не застанува тука. Каде беа институциите? Каде беа инспекциите што мораа да го затворат клубот уште пред да се отвори? Каде беа службениците кои требаше да го проверуваат секој чекор? Тие молчеа. Тие не постапија. Институциите не се независни тела – тие се дел од државата. Под нив стојат општините, министерствата, Владата. Ако тие не ја завршиле работата, тогаш државата има одговорност. Ако инспектор молчи, ако службеник потпишува на слепо, ако министер не презема мерки – тогаш вината не е само индивидуална, туку и државна. Државата има одговорност! Државата не може да се сокрие зад сопствениците. Затоа велиме: не е доволно да се казнат неколку менаџери. Потребно е да има одговорност и во институциите. Одговорност за оние кои дозволиле клуб без дозвола да работи. Одговорност за инспекторите кои затворале очи, кои потпишувале записници дека објектот ги исполнува условите за работа, дека има три врати за излез. Одговорност за сите што со своето молчење учествувале во ова злосторство, рече Васка Лазарова, мајка на починатиот фудбалер, Андреј Лазаров.

Притоа, родителите побараа да се стави крај на корупцијата и затворањето очи пред човечките животи. Да не се дозволи ваква трагедија да се повтори.

-Ако сакаме ова никогаш да не се повтори, мора да бараме вистинска правда, мора да бараме промена. Оваа трагедија не е само на семејствата кои изгубија, ова е трагедија на целата држава. Да ја претвориме оваа болка во сила. Во сила за промена, во сила за правда, во сила за иднина во која младите нема да одат во клубови што стануваат гробници, додаде Лазарова.

Пред полициската станица, родителите рекоа дека трагедијата не е само лична загуба за семејствата туку најголема трагедија во историјата на државата. Истакнаа дека секој од 62-тa загубени животи е сведоштво за молкот, занемарувањето и корупцијата што со години ја трујат државата.

-Ние знаеме кои се виновниците. Целата јавност знае кои се. Нивните имиња не се тајна. Нивните раце се извалкани со крвта на нашите деца. Но државата, преку своите институции, ги заштити и им овозможи да молчат наместо да одговараат. Деко и неговиот син Михаил се симбол на најголемата корупција и нечовечност. Во нивната дискотека „Пулс“, без никаква лиценца, без никакво одобрение, изгореа живи 62 деца. Тоа не беше несреќа – тоа беше убиство! Убиство дозволено и заштитено од државата. Деко не беше газда, туку монструм што единствено знаеше да плаќа рекет и да купува заштита од политичари и мафија. Михаил, неговиот син, беше соучесник – не застанаа да ги спасат нашите деца, туку ги оставија да изгорат! Оваа трагедија ја носи вината на три имиња, Деко – монструмот што гради на крвта на младите, Михаил, соучесник што молчеше и гледаше и власта, штитот на нивниот криминал, рече Светлана Стојанова, мајка на Андреј Стојанов.

Пред зградата на Одделението за внатрешни работи во Кочани рекоа дека полицијата, инспекциите, финансиските органи, безбедносните структури – сите тие, со своето молчење и со своето недејствување, се претвориле во соучесници. Наместо да ја кажат вистината, тие избрале да ја затворат устата. Наместо правда, тие избрале корупција и прикривање.

-Нашите деца никогаш повеќе нема да се вратат. Но вистината ќе ја урламе гласно – дека Деко и Михаил се директно одговорни, а секој политичар што ги штител има крв на рацете! Бараме одговорност. Бараме вистина. Бараме правда за нашите деца. И ќе продолжиме да зборуваме сè додека секој што со своето дело или со своето молчење придонел за оваа трагедија не биде изведен пред лицето на правдата.Никогаш нема да замолчиме, заврши Стојанова.

И. Матеничарски

Х. Арсов

Сподели: