Традиционален приказ на рачно зажнејување и вршидба на гумно во Мојанци по повод „Денови на кочанскиот ориз“

Во рамки на 32. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ утринава во селото Мојанци во продолжение на празничната програма беше прикажан традиционален начин на рачно зажнејување на ориз со срп и вршење на гумно.


Пред многбројните гости и делегации од Македонија и странство со благослови и народна песна зажнејувањето први го започнаа овогодиниешните жетварски убавици, подджани од членовите Здружението на пензионери од Кочани. По жетвата беше прикажан обичајот на вршидба, а во продолжение следуваа настапи на учениците од ОМУ „Ристо Јуруков“ , ФА „Љупчо Сантов” и оркестар „Мелем“.


– Трите празнични дена ја славевме убавината, ги промовиравме туристичките потенцијали и ги афирмиравме можностите со кои располага Кочани. Тука сме да се поклониме на земјоделецот кој има извонреден придонес во развојот на стопанството и општествениот развој на Кочани. Да се поклоните на трудот на кој се надеваме дека ќе добие својствено место, пристојна цена и трудот вложен во производството на нашето бело злато ќе ја има вистинската вредност, истакна Љупчо Папазов, градоначалник на Општина Кочани..

Во рамки на манифестацијата, градоначалникот Папазов додели награда од 60 илјади денари за најдобар оризопроизводител за 2022 година, признание кое годинава му припадна на Митко Стојанов, земјоделец од Кочани.

– Благодарност на Општина Кочани за наградата. Се надевам дека и во иднина ќе работиме успешно и посветено во производството на оризот. Сакам да упатам посебна благодарност до месната заедница Мојанци и Општина Кочани за одличната организација на манифестацијата која има за цел да го афирмира и поддржи оризопроизводството, истакна Митко Стојанов, најдобар оризопроизводител за 2022 год.

Големиот број на гости имаа можност да уживаат во изложбените традиционални ракотворби и традиционална храна подготвена од страна на домаќинките од с. Мојанци.

Затворањето на годинашнава програма по повод „Денови на кочанскиот ориз“ е вечерва, во Паркот на револуцијата во Кочани со концерт настап на изведувачи од македонската естрада под наслов „Македонијо, во срце те носиме“.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: