„Цијанидот го згасна животот на нашите деца“ и „Смртоносен гас, загубени деца, нула одговорност“ беа само дел од пораките испратени од родителите на загинатите во трагедијата во „Пулс“, на 35. протестен „Марш за ангелите“ во Кочани.



Протестнит марш започна од Паркот на револуцијата, преку Трговскиот центар, зградата на Управата за јавни приходи, полициската станица со кратко задржување на кружниот тек кај Двојниот мост во Кочани. Потоа продолжи кон Основниот суд и обвинителство во Кочани.


Емотивни изјави и пораки од денешниот марш испратија родителите на починатите, кои пред јавнста споделија дека во најубавиот период од годината, Новогодишните и Божиќни празници тие тагуваат за загубите на нивните најмили.

-Но на 16 март, сè згасна. Во еден миг, светлината се претвори во мрак. Нашиот дом се исполни со тишина што боли повеќе од секој крик. Ја изгубивме нашата Надица. Ја изгубивме првата рожба, првата радост, детето што ни го осмислуваше животот. Таа не замина по Божја волја. Таа беше земена. Земена од корупцијата, од немарот, од системот што требаше да штити, а не да убива. Од институции што потфрлија, од луѓе што свртеа глава, од полиција и власт што дозволија смртта да стане секојдневие. Од тој ден, јас повеќе не живеам како порано. Јас опстојувам. Како татко што останал без срцето. Единствената моја молба до Господ е да ми даде сила и живот да го дочекам денот кога ќе се избориме за правдата – за правдата на сите деца, а пред сè за правдата на моето дете. Сакам да ги видам лицата на оние што ги убија нашите соништа. Сакам да платат за своите гревови. Сакам правдата да биде гласна колку што беше тивка нивната совест. Ќе врескам, ќе зборувам, ќе се борам сè додека тој ден не дојде. И кога ќе дојде, ќе отидам на нејзиниот гроб. Ќе клекнам пред земјата што ја крие мојата ќерка и ќе кажам:„Ќерко, како татко ти се оддолжив. Не те заборавив, не се откажав. Те молам, прости ми што не те послушавме кога зборуваше да се иселиме од оваа држава. Како да чувствуваше, како да знаеше дека нешто страшно ќе се случи.“, рече Александар Наунов, татко на починатата Надица, во емотивна изјава на маршот.


Мита Тасева, мајка на починатиот диџеј, Стефан Тасев, симоболично на некрологот пред неговото работно место остави потпишано ЦД, на кое пишуваше DJ C2, 63 Ангели. Розета Блажева, сестра на починатиот Јорданчо Џамов на кружниот тек кај двојниот мост прочита поезија посветена за починатите деца, напишана од роднокрајиот автор, Далибор Стојанов.



Васка Стојанова, мајка на син единец порача дека тешко поминуаат деновите без нивните најмили, прекинати матури, дипломирања, родендени и слави што ги остава во длабока и вечна болка за своите најмили.

-Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, кога светот си посакува среќа, здравје и радост, ние, родителите на загинатите деца, ви посакуваме пред сè — човечност.Посакуваме да ги прегрнете своите деца малку посилно. Да ги погледнете подолго. Да им кажете „те сакам“ уште еднаш повеќе. Затоа што ние таа можност ја немаме. Нека овие празници ве потсетат дека животот е кревок, дека децата се најголемото богатство и дека молкот пред неправдата е соучество. Ако веќе палите светилки, нека светнат и совеста и одговорноста. Ако веќе си посакувате подобра година, нека таа биде година на вистина, правда и грижа за секое дете. Од нашите скршени срца ви посакуваме мир во домовите, љубов меѓу луѓето и иднина во која ниедна мајка и ниеден татко нема да го живеат она што ние го живееме, рече Стојанова.


Протестниот марш заврши онаму кадешто и почна, во Паркот на револуцијата во Кочани.
И. Матеничарски





