Во кочанската Општа болница денеска беше предадена во употреба новата Специјалистичка ординација за уво нос и грло, донација од Силк Роад Банка во посредство со Супорт Кочани.


На примопредавањето беше речено дека новата ординација ќе биде од корист за сите пациенти од Кочани и регионот, особено за повредените во пожарот во „Пулс“ и детската популација. Ординацијата е опремена со мебел и современа опрема за оториноларингологија и ќе започне со работа веднаш по Нова година.

-Од Новата година започнува со работа специјалистичката ординација за уво, нос и грло, донирана во соработка со Силк Роад Банка како комплетен финансиер на ординацијата и опремата во неа. Им се заблагодарувам од името на вработените и мое лично име за донацијата што е од особена важност периодов заради зголемениот број на респираторни инфекции како и превентивни контроли и прегледи на повредените од „Пулс“. Ординацијата е опремена и со фибероптички риноларингоскоп што ќе биде од корист на пациенти, особено кај детската популација, соопшти Катерина Паниќ Мирчовска, директор на кочанската Општа болница.

Новата ординација е сместена на катот од болницата, веднаш до ординацијата на Ортопедија, пораеншна Гинеколошка амбуланта.

Од Силк Роад Банка истакнаа дека донацијата е мал придонес за жителите на Кочани и регионот што гравитираат кон кочанската Општа болница.

-Донацијата е во вредност од 40 илјади евра и се состои од комплетно опремена ординација со потребна опрема и материјални добра. Целта е да придонесеме кон подоборо здравје на населението, поголема достапност на услугите, за населението да не оди во поголемите медицински центри за дијагностицирање и лекување, изјави Емил Муков, член на Управниот одбор на Силк Роад Банка.

Во специјалистичката ординација ќе работи доктор специјалист на кочанската Општа болница. Дејноста е возобновена по дванаесет години. Специјалистичката ординација за уво, нос и грло во болницата последен пат работеше во 2014 година. Новата ординација ќе биде достапна за пациентите со закажување преку Мој термин.




