Собрана 21 крвна единица на младинската крводарителска акција во Кочани

21 младо лице денеска даруваше крв, на младинската крводарителска акција што се оддржа во Спортската сала во Кочани.


Акцијата ја организираше Општинската организација на Црвен крст Кочани во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Штип.


-Обично во овој период спроведувавме крводарителски акции во средните училишта. Поради пандемијата со Ковид – 19, училиштата се затворени па затоа најдовме начин да организираме една заедничка крводарителска акција која е наменет за млади лица, пред се средношколци и студенти. Крводарителството е од витално значење со цел обезбедување на потребната крв и крвни продукти за општеството. Изразувам огрмна благодарност до сите дарители кои денеска даруваа крв. Со чинот на дарување тие покажаа храброст, хуманост и висока општествена одговорност, истакна Анета Коцева, секретар на Црвен крст Кочани.

Волонтери на Црвен крст Кочани во текот на акцијата се грижеа за почитување на посебните протоколи за заштита од Ковид-19, при што мереа телесна температура на дарителите, а се грижеа и за дезинфекција на крводарителите како и делење на заштитни маски и ракавици.

Од Црвен крст Кочани  информираа дека до крајот на месецот е предвидена уште една крводарителска акција. Акцијата е закажана во редовниот термин, односно секој последен четврток во месецот, овој месец на 29 април (четврток) во просториите на Црвен крст Кочани.

Граѓаните може да даруваат крв и секој понеделник и четврток во Службата за трансфузиона медицина.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: