30 години од шампионската генерација – „Осогово“ им оддаде признание на освојувачите на младинскиот Куп на Македонија

Управата на ГФК „Осогово“ врачи благодарници на фудбалерите и стручниот штаб на шампионската екипа која во 1996 година го освои Купот на Македонија во младинска конкуренција, а по повод 30 годишниот јубилеј.


Во 1996 година во Скопје, младинската екипа на „Осогово“ ја совлада екипата на „Саса“ со резултат од 2-0 , при што го освоија младинскиот Купот на Македонија што воедно е и најголем успех на кочанските „жолто-сини“ од осамостојувањето на Македонија.


-Денес не славиме трофеј, денес славиме генерација што пред триесет години покажа како се игра за градот и за честта на Кочани. Тие момци не беа само младинци, тие беа срце, карактер и гордост на Кочани. Осовјувањето на Купот на Македонија остана запишано како еден од најсветлите моменти во историјата на фудбалот, со борба и успех и денес се инспирација на новите генерации кои го носат дресот на „Осогово“. Вие оставивте трага што времето не може да ја избрише. Нека годишнината биде потсетник дека вистинските победи не стареат. Честитки и длабок поклон за шампионската генерација, рече Давор Димитров, член на Управата на „Осогово“.

По повод јубилејот денес пред почетокот на натпреварот од Втората Македонска фудбалска лига помеѓу „Осогово“ и „Брегалница“ беа доделени благодарници на шампионската екипа, фудбалерите Александар Алчинов, Дарко Иванов, Игор Богатинов, Мијалче Сенев, Ефтим Стојанов,  Симеон Јорданов, Стефан Јанев, Ристо Трајанов, Зоран Шуманов, Крсте Крстев Александар Соколов, Драган Петров, Ивица Костадинов, Игор Коцев, Ристе Иликовски, Трајче Пеливанов, Симеон Митев, Ванче Манчев  и членовите на стручниот штаб: Благој Петров, Јордан Минов,  Славчо Наков и д-р Душан Данев.

Посебно беше истакната и пионерската младинска екипна на ГФК „Осогово“ – Кочани која годинава стана шампион во Третата пионерска лига 2025/2026 година.

И. Матеничарски

Сподели: