Градот Кочани и Мото – клубот „Желки“ денеска беа домаќини на 31-то Меѓународно моторели „Македонија независност“ што во организација на Мотоциклистичката федерација на Македонија се одржува традиционално секоја година.
Околу 400 моторциклисти од Македонија и странство продефилираа низ кочанските улици, при што направија попатна пауза во Кочани. Мото-релито годинава е со меѓународен карактер каде учествуваат и моторциклисти од Белорусија,Словенија, Чешка, Бугарија и Србија.
– Повод за овој настан е 31 години независност на Република Северна Македонија и ова е еден од настаните што традиционално се оддржуваат во Македонија по повод независноста на нашата држава. Настанот во Кочани е во организација и со помош на Мото-клубот „Желки“, Општина Кочани и Мото-федерацијата на Македонија.Настанот е со меѓународен карактер и има моторциклисти од целиот регион. Денеска повеќе од 400 мотори ја обиколуваат цела Македонија, истакна Зоран Трајковски, претседател на Мотоциклистичка федерација на Македонија.
– Мото клубот „Желки“ од Кочани веќе третта година по ред ја организира првата попатна пауза на традиционалното мото-рели Македонија што се оддржува веќе 31 година без прекин. Сакам да се заблагодарам на нашите спонзори бидејќи благодарение на нив обезбедивме појадок, освежителен пијалок и десерт за сите присутни на оваа манифестација. Од овде пролжуваме по понатамошната маршута, а релито се завршува во Скопје во недела и се надевам дека се ќе помине во најдобар ред, истакна Момчило Хаџи Паунов од Мото клубот „Желки“.
Во рамки на настанот, претставници на Општина Кочани преку Програмата за сообраќај и Локалниот акциски план за еднакви можности на жените и мажите делеа едукативни флаери на учесниците на мото-релито.
Мото-релито започна од Скопје и поминува низ Штип, Кочани, Берово, Пехчево, Струмица со попатни паузи, преспивање и клубско дружење во Дојран. За утре, планирано е да се вози во Кавадарци, Неготино, Крушево, Охрид, а треттиот ден и во западниот дел на државата со крајна цел во Скопје.
Фото: А. Арсов