Започна асфалтирањето на првата делница од реконструкцијата на булеварот „Тодосија Паунов“, на источниот влез во Кочани.


Градежните работи се изведуваат на потегот од бензинската станица „Лукоил“ до бензинската станица „Макпетрол“, на излезот кон Виница кај Атомските згради.

Увид во текот на работите денеска извршија градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов и претседателот на Советот на Општина Кочани, Александар Андов.

Според Грозданов, со денешното асфалтирање се реализираат околу 25 проценти од проектот. Во следната фаза ќе се извршат тампонирање и валирање на преостанатиот дел од десната страна од коловозот, каде што веќе е поставена атмосферската канализација. Потоа ќе следува гребење на асфалтот на левата страна, поставување нова атмосферска канализација и подготовка за асфалтирање.

Проектот предвидува и изградба на разделен простор меѓу двете коловозни ленти, кој ќе биде хортикултурно уреден и опремен со ново улично осветлување.
По завршувањето на асфалтирањето на првата лента, сообраќајот ќе се пренасочи по новоизградената коловозна површина, додека ќе продолжат работите на преостанатиот дел од булеварот.
Според првичната динамика, целосната реконструкција на булеварот „Тодосија Паунов“ се очекува да биде завршена до крајот на годината, односно околу Нова година.
И. Матеничарски



