Интензивно се работи на целосно гаснење на пожарот на Градската депонија во Кочани

Интензивно се работи на целосно гаснење на пожарот на Градската депонија во Кочани, со ангажирање на сите расположливи капацитети, информираше градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов, при денешната обиколка на депонијата.


Во моментов на терен се ангажирани државна и приватна механизација за затрупување на депонијата, со цел пожарот што побрзо да биде ставен под контрола. Во акцијата се вклучени три големи багери, неколку тешки камиони и четири булдожери.


-Во моментот работиме со три големи багери, неколку големи камиони и четири булдужери со кои ја затрупуваме депонијата. Веќе 72 часа интензивно се работи, синоќа поради ветерот повторно дојде до нејзино разгорување, но во моментот се работи интензивно, пожарот се шири кон другиот дел, каде ќе се појави истиот таму се реагира и се работи максимално. Се надеваме дека за многу бргу ќе ја изгаснеме депонијата и доведеме во ред, изјави градоначалникот Грозданов.

Директорот на КЈП „Водовод“, Дејан Анакиев, истакна дека причината за пожарот е човечки фактор и апелираше до граѓаните да останат смирени.

-Сакам да изразам благодарност до нашите сограѓани кои останаа мирни на целата ситуација, пред се причината е човечки фактор и со тоа сме запознаени сите. Големо извинување до сите наши сограѓани, доколку КЈП „Водовод“ ненавремено ги изврши сите дејствија во делот на одлагањето на комуналнот отпад. Повикувам на смиреност, за три четири дена, депонијата ќе биде санирана, соопшти Анакиев.

Од КЈП „Водовод“ – Кочани упатија благодарност до соседните општини кои, поради состојбата со пожарот на Градската депонија, привремено го стопираа одлагањето на својот комунален отпад во Кочани.

И. Матеничарски

Сподели: