Комеморација во Кочани, тишина и 63 бели столчиња во чест на жртвите од трагедијата

Кочани и Македонија денеска ја одбележаа првата годишнина од пожарот во дискотеката „Пулс“ во кој лани на 16 март животот го загубија 63 млади лица, а над 200 беа повредени.


Во Паркот на револуцијата во Кочани беа поставени празни бели столчиња, книга на жалост, a се одржа и комеморација во чест на загинатите.


Шеесет и три бели столчиња, секое со по една бела роза и книга на жалост, стоеја немо како сведоштво за прекинати младости и недовршени соништа. „63 бели столчиња, 63 имиња, 63 животи што недостигаат“ – беше пораката што ги пречека делегациите, семејствата и граѓаните пред Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани.

По повод годишнината верска литургија во Паркот на револуцијата и молитва за упокоените одржа Митрополитот Брегалнички г. Иларион со свештеници од кочанското архиерејско намесништво.

Во книгата на жалост свои пораки оставија граѓаните на Кочани како и претседателката на Македонија, Гордана Силјановска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов, пратеници, владини претставници, амбасадори, членови на граѓански организации и други гости.

Делегациите положија свежо цвеќе пред поставениот „Ѕид на сеќавање“ – мурал како визуелен споменик на сите прекинати младешки соништа.

Во НУЦК „Бели муги“ беше одржан комеморативен настан „Недовршени соништа-секое име е нечиј свет”. Преку фотографија и текст, беа споменати сите 63 жртви од кочанската трагедија придружено со пригодна музичка програма.

Посетителите имаа можност да ја посетат и изложбата на лични предмети и фотографии на трагично загинатите лица во пожарот во Кочани.

Со настанот „Недовршени соништа-секое име е нечиј свет“ беше затворена програмата по повод одбележување на една година од трагичниот настан во Кочани.

Сподели: