ГФК „Осогово“ и ФК „Вардар“ денеска на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани одиграа хуманитарен фудбалски натпревар во спомен и чест на загинатите млади лица од кочанската трагедија од 16 март 2025 г.



Натпреварот со хуманитарен предзнак го доби „Вардар“ со резултат од 4:1 наспроти „Осогово“. Резултат на натпреварот беше најмалку важен, бидејки целта беше да се даде поддршка и да се покаже сплотеност за трагедијата што го снајде Кочани.


Натпреварот го отвори Горан Лазаров татко на фудбалерот Андреј Лазаров кој го загуби животот во трагедијата во „Пулс“. Лазаров се заблагодари на „Осогово“ и „Вардар“ за покажаната солидарност и на сите присутни на стадионот.


-Денешниот фудбал не е натпревар, туку симбол на човечност, на подадена рака, во моменти кога таа рака најмногу ни треба. Ниту една победа не е поважна од солидарноста што ја гледаме денес на трибините, рече Лазаров.


На полувремето од натпреварот, на лицитација беше ставен дресот на фудбалерот на „Осогово“, Стојанче Велинов со кој го има освоено Купот на Македонија. Дресот беше продаден за 23 илјади денари на навивачката група „Комити“ кои го купија и го подарија на верен домашен навивач на „жолто-сините“.


Во 63 минута, играта на натпреварот беше прекината во чест на 63-те млади жртви од кочанската трагедија, при што минутата помина со громогласен аплауз.


Навивачката група „Сејмени“ натпреварот го посветија на сите 63 жртви во пожарот, меѓу кои и нивните двајца членови, Томас Златков и Александар Стојанов.


Собраните средства од натпреварот ќе бидат наменети за изградба на спомен-обележјето „Патека на хуманоста“ кое ќе се гради во спомен на жртвите од трагедијата.
И. Матеничарски




