Откриена спомен биста на Илчо Гоцевски – возачот херој од кочанската брза помош

Во кругот на Општата болница со проширена дејност во Кочани денеска беше откриена спомен биста во чест на возачот на Брза помош, Илчо Гоцевски, човекот кој на 16 март 2025 г. неуморно превезуваше повредени лица од пожарот во „Пулс“  и почина во сон неполни 24 часа по трагедијата.


Семејството Гоцевски, роднини, пријатели, пратеници, советници претставници од Владата на Македонија, колеги и познаници денеска положија свежо цвеќе пред бистата и се присетија на неговиот лик и херојско дело.


Со звукот на сирената, бистата ја откри директорката на кочанската Општа болница, д-р Катерина Паниќ Мирчовска при што рече дека Илчо бил човек што неуморно помагал на сите, на првата линија на одговорот и запаметен по неговата ведрина и насмевка.

-Кога ќе ја слушнете сирената по кочанските улици, потсетувајте се на Иле затоа што смртта не ни го зема, неговиот спомен продолжува да живее со нас. Кобната вечер беше на работа, неуморно и пожртвувано си ја работеше задачата на ниво и над ниво и даде се од себе по цена на неговиот живот. Колегите ќе го паметат по неговата ведрина, лојалност и храброст, рече директорката д-р. Паниќ Мирчовска.

Во емотивен говор, неговиот колега Љубчо Ѓорѓиевски рече дека Илчо бил човек со големо срце, чиста душа и храброст. Неговото дело ќе биде запаметено како херојско, не заради начинот на кој заминал, туку  заради начинот на кој живеел.

-Иле не беше колега, тој беше брат, другар, пријател, поддршка и пример за тоа што значи да се биде човек во вистинска смисла на зборот. Во секојдневните моменти занеше да внесе топлина, насмевка и надеж, а во најтешките покажа нешто што не може да се научи, туку се носи во себе. Вистинска несебична храброст. Во миг кога многумина би се повлекле, Иле чекореше напред, без двоумење и страв воден од желбата да помогне и спаси други. Тој го даде највредното што човек може да го даде – својот живот за да спаси други животи, рече Ѓорѓиевски.

Неговата колешка од кобната смена, Александра Кокева се потсети на неговото херојство, моментите од трагедијата и последната смена која заеднички ја одработиле за да спасат живот повеќе.

-Иле во тие моменти заборави на себе. Заборави дека не се чуствуваше добро. Сите заборавивме и дадовме се што можевме. Нашиот Иле го даде највредното – животот.  И тој ден легна да одмори и никогаш не се разбуди. Истата екипа на повик кај него дома, шок, неверување, раните и лузните од болката никогаш нема да заздравеат, се присети Кокева.

Илчо без престан пренесувал пациенти од пожарот до скопските клиники. 11 пати ја минал релацијата до Скопје, по што, исцрпен од напорот, легнал да одмори и не се разбудил. Спомен бистата е донација од вајарот Филип.

И. Матеничарски

Сподели: