Пионерите на „Слога“ – Виница победници на Меморијалниот фудбалски турнир „Драганица Куп“ 20226 г. во Кочани

Екипата на „Слога“ – Виница е победник на годинашново издание на Меморијалниот фудбалски турнир „Драганица Куп“ 2026 г. откако во финалето го совлада тимот на „Каменица Саса“ од Македонска Каменица со резултат од 4-2.


Третото место му припадна на тимот на „Осогово“ кои со убедлив резултат од 5-0 ја совлада екипата на „Борец“ од Велес кои беа последнопласирани на турнирот.


На годинашново издание на турнирот, на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани настапија четири пионерски екипи, домаќинот ГФК “Осогово“ – Кочани, „Слога“ – Виница, „Каменица Саса“ од Македонска Каменица и „Борец“ – Велес.

Освен пехар за првите три пласирани тимови беа доделени и награди за најдобар голман, стрелец и играч на турнирот како и на судиите на турнирот.

За најдобар голман на турнирот беше прогласен Александар Димитровски од екипата на „Саса“, награда која му ја врачи претседателот на ГФК „Осогово“, Ненад Ефтимов – Нешо.

За Најдобар стрелец, Виктор Јанев од ГФК „Осогово“ Кочани , наградата ја додели Љупчо Симоски – Бела, член на Управниот одбор на „Осогово“.

За Најдобар играч на турнирот, Андреј Атанасов од екипата на „Слога“ Виница, наградата ја врачи тренерот на пионерите на „Осогово“,  Тоде Митев.

На турнирот беше доделен и пехарот за освоеното прво место во Третата пионерска лига – Исток на шампионската екипа на ГФК „Осогово“ – Кочани, пехар кој го врачи претседателот на ОФС Кочани, Александар Андов.

Турнирот се одржува од 2007 година во чест на една од најголемите кочански фудбалски легенди, Драган Михајлов-Драганица.

И. Матеничарски

Сподели: