Соопштение на Здружението на граѓани „16-ти Март 2025“ – Кочани

Во изминатите неколку дена, преку социјалните мрежи и дел од медиумите, континуирано се објавува и промовира петиција поднесена од 17 граѓани, поврзана со предложената локација за спомен-обележје на улиците „Браќа Ставреви“ и Кеј на Револуцијата“.


Како здружение на родители и семејства на трагично починатите деца, имаме обврска јавно и јасно да укажеме на неколку факти кои директно се косат со наводите и пораките во таа петиција:


  1. Локацијата не е приватен имот, ниту „ничиј двор“.
    Станува збор за јавно зеленило – парк во сопственост на државата, наменет за сите граѓани на Кочани. Претставувањето на јавен простор како приватен или узурпиран е неточно и создава погрешна перцепција.
  2. Не се менува намената на просторот.
    Предвиденото спомен-обележје нема да ја наруши структурата, функцијата или карактерот на паркот. Нема да биде масивна градба, ниту објект со друга намена, туку дискретен и достоинствен меморијален белег, каков што постои во сите цивилизирани градови.
  3. Ова не е место за оплакување.
    Нашата болка не се одвива во јавни простори, туку во нашите домови и на вечните почивалишта на нашите деца. Спомен-обележјето е место за оддавање почит и тивко полагање цвеќе, чин на колективна меморија и достоинство – не „таговалиште“ и не закана за ничиј мир.
  4. Петицијата нема правна тежина во процесот на одлучување.
    Јавната дебата е легитимна и добредојдена, транспарентна за сите граѓани на Општина Кочани, но одлуката за локацијата ја носи Советот на Општина Кочани, согласно закон и пропишани процедури. Медиумски притисок и еднострани кампањи не можат да ја заменат институционалната одлука.
  5. Правата на жителите не се ексклузивни.
    Сите сме жители на Општина Кочани – и вие што реагирате, и ние родителите, и нашите деца кои трагично ги загубивме.
    Никој нема повеќе право од другите.
    Условувањето, заканите со „непочитување“ и обвинувањата за „самоволие“ доколку не се исполни нечие лично барање, се непримерни и неосновани.
    Доколку мнозинството граѓани на Кочани, а не мал број поединци, смета дека оваа локација не е соодветна – ние ќе ја почитуваме таа волја.

Но исто така, секој граѓанин има право јавно да одговори на суштинското прашање:
Дали овие деца заслужуваат трајно спомен-обележје на достапно и видливо место, или треба да бидат оттурнати на периферија – и во просторот и во сеќавањето.

  1. Ова не е приватна желба, туку прашање од јавен интерес.
    Спомен-обележјето не е лична иницијатива, туку чин на колективно сеќавање на трагедија што го обележа целиот град и државата.
    Загрижува фактот што петицијата во јавноста се претставува како „глас на граѓаните“, иако станува збор за ограничен број поединци. Со тоа се создава погрешна слика и дополнително се продлабочува болката на семејствата.

Нагласуваме:

Ова не е прашање на комодитет, навика или личен мир, туку прашање на достоинство, колективна меморија и односот на општеството кон изгубените млади животи.
Ова не е борба за локација.
Ова е апел за достоинство, меморија и совест.

Ги повикуваме медиумите да информираат одговорно и целосно, а јавноста да не дозволи болката на семејствата да се користи за сензационализам или притисоци.

Сите граѓани може да се произнесат по иницијативата на Здружението на граѓани „16 март 2025 – Кочани“, за поставување спомен-обележје на загинатите во „Пулс“, преку дигиталната алатка за комуникација мЗаедница, каде што е активна анкета на оваа тема на овој линк :

http://www.mzaednica.mk/

Здружение на граѓани
„16-ти Март 2025“ – Кочани

Сподели: