Советничката група ,,Доста беше“ поднесе кривична пријава против градоначалникот и претседателот на Советот на Кочани

Советничката група ,,Доста беше“ денеска до Основното јавно обвинителство во Кочани поднесе кривична пријава против градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов и претседателот на Советот, Александар Андов, за како што велат, судир нa интереси во извршувањето на повеќе функции на актуелниот претседател на Советот и неразрешувањето од функцијата директор од страна на градоначалникот на Кочани.


-Советничката група на ,,Доста беше“ поднесе кривична пријава до градоначалникот на општина Кочани, поради непостапување за судирот на интереси на претседателот на Советот на Општина Кочани, за кој денес исто така поднесовме кривична пријава. На 4 март како советничка група поднесовме барање за постапување до градоначалникот на Општина Кочани по изјаснетото мислење од Државната комисија за спречување на корупција. Досега нема никаква реакција, градоначалникот досега требаше да реагира и да го разреши од директорското место на основното училиште претседателот на Советот. Како што е наведено и во упатството при судир на интереси и во политиката за интегритет на Општина Кочани. Прашањето кое се поставува е кој кого штити во оваа политичка игра која е деструктивна за граѓаните, дали партиски следбеници се штитат едни со други на сметка на балансот на интегритетот на институциите. Советничката група на ,,Доста беше“ нема да се откаже од разрешувањето на оваа незаконита ситуација и ги повикуваме и другите политички и не политички активни посилно да реагираат и да ни се придружат, соопшти Филип Цветанов, советник од советничката група ,,Доста беше“.


Сподели: