На спортскиот терен во ООУ „Никола Карев“ во Кочани денеска започна годинашното издание на традиционалниот Петровденски турнир во мал фудбал, кој се организира во пресрет на празникот на градот – Петровден.


Честа да го отворат турнирот ја имаа екипите на „Амфенол Технолоџи Македонија“ и „Ауто Велт“, по што се одигра и натпреварот помеѓу „Булевард Кафе“ и „Аминта“.


Турнирот официјално го отвори претседателот на Советот на Општина Кочани, Александар Андов, кој на учесниците, судиите, делегатите и организаторите им посака успешен турнир и фер натпреварување.

-Денес официјално го отвораме традиционалниот Петровденски турнир во мал фудбал, кој се организира под покровителство на Општина Кочани. На сите учесници им посакувам успешен турнир. Нека победи најдобриот, а натпреварите нека поминат во духот на фер-плејот, истакна Андов.

На турнирот годинава настапуваат девет екипи, распределени во две групи, а натпреварите ќе се играат според футсал правилата.

Покрај екипните награди, ќе бидат прогласени и најдобриот играч, стрелец и голман на турнирот. За трите првопласирани екипи се обезбедени парични награди од 60.000, 30.000 и 15.000 денари.

Финалниот натпревар ќе се одигра на 12 јули, на празникот Петровден, кога ќе бидат познати и победникот и најуспешните поединци на годинашното издание на турнирот.
И. Матеничарски





