За 21% зголемен криминалитетот во Кочани во 2025 година

Во 2025 година Одделението за внатрешни работи Кочани бележи зголемување на вкупниот криминалитет за 21%, споредбено со претходната година.


Извршени се вкупно 522 кривични дела од кои расветлени се само 59, што процентуално се забележува намалување на ефикасноста за расветлување на кривичните дела за 48 % споредбено со претходниот едногодишен период во 2024 г. кога од 433 регистрирани кривични дела расветлени биле 113.


Како што стои во годишниот извештај на ОВР Кочани тоа се должи на неповолните фактори во работењето на станицата по случување на пожарот во дискотеката „Пулс“ кој се одразил на работата, а со тоа и на ефикасноста при расветлување на кривичните дела во сите сегменти на криминалитетот.

Во 2025 година инспекторите од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднеле 70 кривични пријави повеќе во споредба со 2024 година. Кривичните дела се извршени од страна на 360 сторители од кои 14 се малолетници. И овде се забележува зголемување на бројот на извршители од 220 лица во 2024 година на 360 лица во 2025 г.

Најголем дел од извршените кривични дела се од областа на класичниот криминалитет 459 , потоа следуваат недозволената трговија со дрога 28, економскиот 16, недозволената трговија со оружје 10 и организираниот криминал 9.

Во текот на извештајната 2025 година, ОВР – Кочани генерално својата функција ја остваувала во тензична и неповолна безбедносна состојба, гледано според обемот и тежината како на криминалитетот така и  во поглед на јавниот ред и мир и другите настани од безбедносен карактер.  Ваквата безбедносна состојба била резултат на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Притоа биле преземени бројни мерки и активности со ангажирање на голем број на полициски службеници и од други станични подрачја со цел  безбедно  одвивање на работата на полициската станицата и одржување на јавниот ред и мир на станичното подрачје.

Во извештајот е наведено дека статистички  во однос на истиот период од минатата година во сите сегменти на полициското работење се прикажува различен обем на работењето, но тоа пред се е поради намалениот број на полициски службеници на терен и недостаток на материјално технички средства. Голем придонес има и несреќниот настан бидејки  поголем дел од вработените се во процес на дисциплински постапки, отстранети од своите работни места или се кривично гонети,  што во голем број се одразило на работата на станицата.

Земајќи ги во предвид сите случени настани и превземените мерки, е наведено во извештајот, работата на ОВР Кочани се оценува како задоволителна, а безбедносната состојба како делумно поволна, стои во извештајот што ќе се разгледува на следната седница на Советот на Општина Кочани.

И. Матеничарски

Сподели: