Кочанчани запалија свеќи и направија ѕвездено небо во сеќавање на жртвите од пожарот во Кочани   

Во чест и спомен на 62-те жртви од несреќата во дискотеката „Пулс“, семејствата на починатите, нивни роднини и граѓани на Кочани, вечерва во Паркот на револуцијата запалија свеќи во форма на крст и срце и пуштија 62 бели балони со имињата на починатите по повод шест месеци од кочанската трагедија.


Под мотото „62 ангели  – вечна светлина во нашите срца“ со светлата од своите мобилни телефони граѓаните го осветлија Паркот на револуцијата и испратија светлина кон небото, како поздрав до нивните најмили, од трагедијата што на 16 март годинава однесе во смрт 62 млади лица, а над 200 беа повредени.


Претходно, оддадоа почит со молк додека на видео бим беа прикажани фотографии со имињата на жртвите од несреќата.

Во емотивен говор пред присутните, беше речено дека секое име, секој лик и насмевка ќе остане засекогаш врежан во нив и дека болката и раната е заедничка, на целиот народ.

-Денес стоиме тука со срца обвиени во болка, со зборови што тешко излегуваат, но со љубов што е толку силна што не може да се сокрие. Тагуваме за 62 млади животи – 62 ангели што предвреме беа одземени од нас. Она што го доживеавме не е само тага, тоа е бездна што ја носиме во себе. Тоа е немо викање, тоа е празнина што никогаш нема да се пополни. Секој од нив имаше сон, насмевка, надеж… и сите тие светлини беа згаснати за миг. Жалоста не е само плачење. Таа е борба со секој нов ден. Да станеш наутро кога сè е потемно од ноќта. Да дишеш кога срцето е премногу тешко. Да живееш со спомените и со вистината дека никогаш повеќе нема да ги видиме, нема да ги чуеме, нема да ги прегрнеме. Нашата болка е љубов што нема каде да оди. Затоа ја носиме во себе и ја претвораме во сеќавање. Секое име, секој лик, секоја насмевка – ќе остане засекогаш врежана во нас. Оваа рана е наша заедничка, оваа болка е на целиот народ. Ако некогаш некој не разбере зошто солзите не пресушуваат – тоа е затоа што не ја почувствувал оваа темнина. А ние ја чувствуваме секој ден. 62 светлини згаснаа, но тие не исчезнаа. Тие продолжуваат да живеат преку нашата љубов, преку нашата борба да не бидат заборавени. Тие се ангели што ќе нè чуваат, ќе нè потсетуваат колку е кревок животот, и колку е голема љубовта. Нека нивната жртва не биде залудна. Нека нивните имиња одекнуваат низ времето како потсетник дека никогаш нема да дозволиме повторно да згаснат толку млади животи. За нашите 62 ангели – вечно сакани, вечно оплакувани, и засекогаш дел од нашето срце. Никогаш нема да бидете заборавени, рече Анабела Коцова.

На настанот што имаше комеморативен предзнак, во чест, со почит и сеќавање на загинатите, граѓаните на платото во Паркот на револуцијата палеа свеќи во спомен на жртвите од кобната 16. мартовска ноќ.

И. Матеничарски

Сподели: