На 28 ноември – Младинска крводарителска акција во Кочани

Црвен крст на Република С. Македонија – Општинска организација Кочани во соработка со СОУ „Љупчо Сантов“ и СОУ „Гошо Викентиев“ во вторник на 28 ноември ќе ја реализира предвидената младинска акција за дарување на крв.


Акцијата е наменета за сите средношколци над 18 години, студенти и млади лица и ќе се реализира во периодот од 9 до 14 ч. во просториите на СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани.


– Акцијата е 17 по ред што се реализира во тековната година, а втора акција исклучиво наменета за средношколци и млади лица. Поради тоа ги повикуваме сите млади лица над 18 години, средношколци и студенти да се вклучат во акцијата и со хуманиот гест на првократно крводарување да станат дел од големото семејство на крводарители, истакнаа од Црвен крст Кочани.

Факти за крводарувањето:

– Дарувањето на крв е доброволно, анонимно и бесплатно.

– Крводарител може да биде секоја здрава личност од 18-65 години.

– Жените можат да даруваат крв на секои 4 месеци, додека мажите на секои 3.

– Дарувањето крв не е болно, не создава навика и не му штети на организмот.

– Пред секое дарување крв се врши лекарски преглед.

– Дарувањето крв е корисно со тоа што ќе го проверите вашето здравје.

– На крводарителите како почитувани членови во општеството, Црвен крст им доделува признанија.

– Со 10 дарувања на крв, секој крводарител е ослободен од плаќање на сите видови болничка партиципација

Сподели: