Родителите на починатите во „Пулс“ побараа одговор зошто е пробиен рокот за поднесување обвинение против полициските службеници опфатени во истрагата

Родителите на починатите во трагедијата во дискотеката „Пулс” на денешниот 33. протестен „Марш за ангелите“
во Кочани побараа одговор од
Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција зошто е пробиен рокот за поднесување на обвинение за полициските службеници опфатени со истрагата за трагичниот пожар.


Соопштија дека согласно начелата на владеење на правото, законитост и еднаквост на сите граѓани пред законот, покажале трпение и одговорност и во период од три плус три месеци не побарале информација за текот и статусот на обвинителниот акт.


-Не побаравме информација од ОЈО ГОК со цел да ѝ овозможиме на надлежната институција непречено професионално постапување. Меѓутоа, рокот што беше јавно и институционално најавен, со краен датум до 12.12.2025, е пробиен, без доставено образложение, без официјално известување и без преземање видливи процесни дејствија. Дополнително загрижува фактот што службеници на Министерството за внатрешни работи, кои се осомничени во конкретниот предмет, и понатаму се наоѓаат на слобода и се движат меѓу граѓаните, без јавно познати мерки на претпазливост, суспензија или друга форма на институционална одговорност, рече Розета Блажева, сестра на починатиот Јорданчо Џамов.

Притоа, Блажева потсети дека службениците на МВР, согласно закон, имаат зголемена одговорност поради природата на нивната функција, овластувањата што им се доверени и довербата што им ја укажуваат граѓаните.

-Непостапувањето или одолговлекувањето во случаи каде осомничени се токму лица задолжени за спроведување на законот, создава основан сомнеж за селективност, што е спротивно на основните принципи на правната држава. Отсуството на навремена реакција и транспарентност директно ја нарушува правната сигурност, ја поткопува довербата во институциите и остава впечаток дека постои институционална толеранција кон евентуални незаконски дејствија извршени од службени лица, додаде Блажева.

Притоа рекоа дека не бараат ништо повеќе од она што го гарантира законот,
навремена, законска и непристрасна постапка.

-Бараме јасен одговор застатусот на обвинителниот акт, причините за пробивање на рокот утврден до 12.12.2025 и мерките што се преземени или ќе се преземат во однос на осомничените службеници на МВР.Нашето трпение не е неограничено. Во отсуство на итен и јасен одговор, ќе бидеме принудени да ги искористиме сите законски и јавни механизми за заштита на правдата и јавниот интерес. Молкот и одолговлекувањето повеќе не се прифатливи, заврши Блажева.

Протестниот марш започна од Паркот на револуцијата, преку Трговскиот центар и Управата за јавни приходи до полициската станица. Потоа продолжи кон кочанскиот суд и обвинителство и заврши во Паркот на револуцијата.

И. Матеничарски

Сподели: