Доброволното противпожарно друштво – Кочани одбележа две години постоење

Преку целодневен и повеќечасовен настан и богата натпреварувачка и културно – уметничка програма, кочанското Доброволно противпожарно друштво одбележа две години постоење и работа.

Настанот започна со првите противпожарни игри во сениорска конкуренција, во Градскиот парк во Кочани. На натпреварот настапија Доброволни противпожарни друштва од Македонија и странство. Доброволци од „Саса“ Македонска Каменица, „Сашко Гешовски“ од Кавадарци, „Петроварадин“ од Нови Сад , Р. Србија и „Марчана“,  Р. Хрватска се натпреваруваа на четири полигони со противпожарни задачи лоцирани во Градскиот парк, во кругот на пожарната во Кочани и на Споменикот на слободата.

Во Градскиот парк се натпреваруваа и ученици петтооделенци од основните училишта од Кочани, Зрновци и Чешиново – Облешево, на мини олимпијада со противпожарни игри и задачи.

Настанот беше збогатен со културно – уметничка програма на учениците од ОМУ „Ристо Јуруков“, АТМИ „Митко Алексов“, настап на децата од Детската градинка „Павлина Велјанова“, Приватната детска градинка „Амичи“,  „Енерџи фит клуб“, ДЈ Буби Тасев и Трио Манов.

Првото место на противпожарните игри и припадна на доброволците од  „Петроварадин“ Нови Сад, второто место на доброволното друштво „Сашко Гешовски“ од Кавадарци и „Саса“ од Македонска Каменица како треттопласирани.

Настанот имаше за цел јавноста и граѓаните одблиску да се запознаат со работата на пожарникарите, нивна промоција и презентација на пожарникарската професија и воедно одбележување на две години од формирањето на ДПД – Кочани.

И. Матеничарски

Фото: А. Арсов

Сподели: