Кочани на 12 јули ќе биде домаќин на првиот голем автомобилски собир – пристигнуваат учесници од Македонија и странство

Во рамки на програмата за одбележување на празникот на градот Кочани – Петровден, на 12 јули на Пониква ќе се одржи првиот автомобилски собир од ваков тип во градот, во организација на „Street Car Kocani“.


Автомобилското шоу ќе се одржи на м.в аеродром на Пониква, Осоговски Планини, а приемот на возилата е предвиден од 11:00 до 14:00 часот.


Настанот ќе обедини учесници од цела Македонија, како и гости од соседните земји, кои ќе ги претстават своите тјунирани автомобили, олдтајмери, спортски, уникатни и специјално модифицирани возила.

Покрај изложбениот дел, програмата предвидува повеќе натпревари и избор на најдобрите автомобили во различни категории, меѓу кои: Top German, Top Italian, Top French, Top JDM, Top US, Best Wrap, Best Color, Best Rim, Lowest Car, Top Oldtimer, Best Interior, Best Engine Bay, Airlift, Lady Car, како и избор на Top 10, Top 20 и Top 30 автомобили.

Организаторите најавуваат и посебна категорија наменета за дамите, со цел да се истакне нивниот придонес, стил и креативност во автомобилската сцена.

За најуспешните учесници ќе бидат доделени пехари за прво, второ и трето место, како и специјални признанија за автомобилските клубови.

Котизацијата за учесниците со автомобили изнесува 10 евра (600 денари), додека влезот за посетителите е бесплатен.

Од „Street Car Kocani“ соопштија дека целта е да се поттикне развојот на автомобилската сцена во регионот, да се создаде нова традиција во Кочани и да се овозможи дружење, размена на искуства и промоција на автомобилската култура.

Организаторите ги повикуваат сите љубители на автомобилизмот, автомобилските клубови и граѓаните да присуствуваат и да бидат дел од ова уникатно автомобилско шоу.

Сподели: