Од капиталните проекти во Кочани останаа само табли – напредува само потисниот водоводен цевковод

Иако од најавата на капиталните инвестиции за подобрување на инфраструктурата во Кочани поминаа речиси четири месеци, а од официјалниот почеток на градежните активности околу два месеци, на дел од градилиштата во моментов нема видлива работна активност.


На градилиштето за изградба на мостот на Кочанска Река, кој треба да ги поврзе улиците „Вера Которка“ и „Лазар Андонов“, освен информативната табла, заштитната црвено-бела лента и извршените почетни земјени работи, не може да се забележат механизација или работници. По ископот на теренот, во изминатиот период нема видлив напредок на изградбата.


Слична е состојбата и на трасата на идниот Јужен булевар во правец Кочани – Грдовци. Таму најмалку е сработено. Расчистен е само мал дел од вегетацијата од десната страна на трасата, но веќе извесен период нема продолжување на градежните активности.

Тешко се движат работите и на градилиштето на булеварот „Тодосија Паунов“. Граѓани кои секојдневно минуваат низ овој дел од градот реагираат на бавната динамика на изведба и изразуваат загриженост дека проектот се реализира со забавено темпо.

Во меѓувреме, се уште не е поставен ниту најавениот камен-темелник за изградба на старечкиот дом во кругот на Територијалната противпожарна единица во Кочани. На локацијата е извршен делумен ископ и просторот е околчен, но во моментот нема градежна механизација ниту работници.

За разлика од овие проекти, најголем интензитет на работа моментално се забележува на изградбата на потисниот цевковод. На теренот редовно има работници и механизација, а трасата од Агенцијата за вработување до старата Филтер станица бележи видлив напредок.

Граѓаните очекуваат надлежните и изведувачите да ја интензивираат реализацијата на најавените капитални инвестиции, со цел проектите да се завршат во предвидените рокови и да ги дадат најавените придобивки за градот.

И. Матеничарски

Сподели: