ООУ „Синиша Стоилов“ – Зрновци денеска со пригодна свеченост во училишниот двор го одбележа патрониот празник на училиштето.



Во рамки на одбележувањето беа доделени признанија и благодарници на наставниците, Општина Зрновци и Советот на Општината, Армијата како и признание за семејството Стоилови.


По повод патронатот беше прогласен и првенецот на генерацијата 2022/2026 г. Оваа чест ѝ припадна на ученичката Симона Стојкова.

– Денес, 25 години подоцна, ние не славиме војна. Ние славиме човек. Човек што својата љубов кон Македонија ја плати со живот. И човек што зад себе остави нешто многу поголемо од биографија — остави пример. А примерите не умираат. Тие живеат во децата што учат под ова училишно име, во наставниците што секое утро ја отвораат вратата на ова училиште со чувство на чест, во мајките што ги прегрнуваат своите деца малку посилно кога ќе слушнат вакви приказни. Во сите нас што разбираме дека мирот никогаш не е случаен — некој некогаш платил за него, истакна директорката на училиштето, Слаџана Гаврилова.

Во рамки на чествувањето беше положено свежо цвеќе пред бистата на патронот во училишниот двор, спомен-плочата на мостот „Синиша Стоилов“ во Зрновци, како и во касарната „Чојлија“ во близина на Скопје.



Капетан Синиша Стоилов е роден во Бенковец, Р. Хрватска, додека неговите родители се по потекло од Зрновци. Загинува на 35 годишна возраст за време на воениот конфликт во Македонија, на 10 јуни 2001 г. кај кумановското село Оризаре од испукана граната.

Неговите последни зборови пред да падне кобната граната биле, „Тргнете се, не се собирајте, ќе падне некој минобацач, сите ќе нè испотепа.“ Неговото име и дело засекогаш ќе останат запаметени во историјата на македонскиот народ.
И. Матеничарски






