Завршен концерт на учениците од Школата за гитара „Music On“ во Кочани

Со музика, емоции и силни аплаузи, учениците од Школата за гитара „Music On“ вечерва се претставија пред кочанската публика на завршниот концерт по повод успешното завршување на учебната година.


Во преполната сала на НУЦК „Бели мугри“, публиката уживаше во богатиот музички репертоар составен од безвременски домашни и светски хитови, изведени од талентираните ученици на школата, под менторство на професорот по гитара Дејан Алексовски и професорот по тапани Мартин Додевски.


На сцената настапија триесетина ученици на возраст од 6 до 46 години, кои преку своите изведби покажаа голема посветеност, музички талент и љубов кон музиката.

Публиката имаше можност да ужива во нумери од Тоше Проески, „Ареа“, „Зијан“, како и легендарните Боб Дилан, Карлос Сантана, „Дип Парпл“ и многу други музички имиња.

Традиционалниот јавен час на младите гитаристи и тапанари претставува можност учениците да го покажат сработеното во текот на учебната година, но и мотив повеќе за нивниот понатамошен музички развој.

Посебно внимание кај присутните привлече и настапот на рок групата „Немеза“, чии членови се дел од музичката школа „Music On“, а со својата енергија и сценски настап дополнително ја збогатија концертната вечер.

И. Матеничарски

Сподели: